Манчестер Јунајтед и Барселона се првите полуфиналисти во Лигата на шампионите. Двата тима и во реванш мечевите беа поуспешни од Челзи односно Шахтар Доњецк.
На Олд Трафорд се водеше жестока битка за влез меѓу четирите најдобри тима во елитното европско клупско натпреварување. Челзи се обидуваше да ја анулира предноста на противникот од првиот меч, избраниците на Карло Анчелоти упатија неколку удари, но ниту еднаш не успеаа да ја затресат мрежата на Едвин ван дер Сар, кој и на овој натпревар беше извонреден на голот на Манчестер Јунајтед.
Рајан Гигс и неговите прецизни додавања повторно беа фатални за Челзи. Во 43-тата минута, извонредно ја уфрли топката пред голот на Петр Чех, а на вистинското место се најде Хавиер Ернандез, кој ја спроведе топката во мрежата на противникот.
Во вториот дел, Анчелоти реши да го уфрли во игра Дидие Дрогба, кој се обидуваше да го совлада Ван дер Сар, а тоа му појде од рака во 77-та минута кога го израмни резултатот на 1:1 и донесе малку надеж за Челзи дека може да направи пресврт.
Голем проблем за гостите беше фактот што од 70-тата минута имаа човек помалку на теренот откако поради втор жолт картон беше исклучен Рамиреш.
Радоста на Челзи сепак траеше многу кусо, веќе во следниот напад Парк Ји Сунг се запиша во листата на стрелците за предност на Манчестер Јунајтед од 2:1 за конечен триумф и пласман во полуфиналето. И повторно погодокот на домашниот тим е постигнат по извонредно додавање на Гигс.
Многу помалку возбудувања имаше во Доњецк, Шахтар во дуелот влезе го голема и практично недостижна негатива, но украинскиот состав не успеа да реализира неколку од идеалните можности за гол.
Казната стигна на две минути пред крајот на првиот дел Лионел Меси постигна погодок за конечни 1:0.
Со овој гол Меси влегува во историјата на Барселона, ова за него беше 48-ми гол сезонава и за еден погодок го надмина рекордот на Роналдо од сезоната 96/97.
Read More